Ние децата чувари на природата - Среде вревата во тревата- Да го запознаеме Штурчо од приказните
                            Учење базирано на истражување          
Интегрирани научни и проектни активности со учење преку игра, истражување, пренамена и практична примена
Изработка, собирање и примена на наши, бесплатни дидактички средства за различна намена
 
                   Main | My profile | Log out | Login    http://ucimenizigra.ucoz.com/
МЕНИ  


ЛОГИРАЊЕ                  



Среде вревата во тревата- Да го запознаеме Штурчо од приказните

ИНТЕГРИРАНА НАУЧНА ИСТРАЖУВАЧКА АКТИВНОСТ поврзана со претходна обработка и интерпретација на стихотворба "Среде вревата во тревата" 

ЗАПОЗНАВАЊЕ НА ОКОЛИНАТА =ПРИРОДНИ НАУКИ

Запознавање со живиот свет во блиската околина.  Унапредување на интерес, желба, потреба и вештини за истражување. Користење на лупа за воочување детали. Унапредување на еко свест и грижлив однос кон живиот свет. Преку оваа активност ученикот  истражува  живи суштества  во локалната средина. Собира докази, набљудува, опишува. Поставува прашања и  учествува во разговор. Предлага идеи и следи упатства. Прави споредба на предвидување со резултати од она што се открило.

ЛИКОВНО ОБРАЗОВАНИЕ-Цртање со цел- Насочување кон целосно претставување на она што го црта.

ФИЗИЧКО И ЗДРАВСТВЕНО ОБРАЗОВАНИЕ-Излет. Унапредување на еко свест и навики за безбедно и правилно однесување во природа

МАКЕДОНСКИ  ЈАЗИК -Прашања и одговори со цел ученикот да се поттикне и охрабри да поставува прашања, поврзани и насочени кон одредена тема и да се поттикне слободно да дава одговори за да го искажува своето мислење пред другите.

ДОПОЛНИТЕЛНИ НЕПОСРЕДЕНИ ЕФЕКТИ ВРЗ ДРУГИ СОДРЖИНИ И ЦЕЛИ:

 МАТЕМАТИКА-Усвојување на претстави за бројна вредност на претходно усвоен број 8, собирање 1+ 1 до 8, уште колку ни треба од 5 до 8....МАКЕДОНСКИ  ЈАЗИК -Опишување по сеќавање и Визулено опишување со цел- Збогатување на детскиот речник и насочување кон  богато вербално изразување.

 

ПОСЕБНИ НАСОКИ ЗА УСПЕШНА РЕАЛИЗАЦИЈА

-Наставникот мора претходно да го испита теренот дали е погоден за ваков вид на истражување, дали е лесно да се најдат примероци за разгледување. Пожелно е да се ангажира ученик ментор од вишите одделенија кој претходно ќе биде обучен каде да бара и како да успее да ни улови примероци за анализа. КАКО СЕ НАОЃААТ ШТУРЦИ ВО ЛИВАДАТА? Штурецот живее во дупче во земјата покриена со тревата ( Дупчето на површината има отвор широк колку да би можело да се покрие со еден прст.) Одбираме тенко, долго колку молив, сламче од тревата и полека го ставаме во дупчето само малку а потоа веднаш го повлекуваме назад и повторно го ставаме внатре па назад се додека Штурчо не тргне по него и излезе надвор. Потоа со рака или со некој сад внимателно го фаќаме и го ставаме во длабок сад за да го разгледуваме. Знаете ли зошто Штурчо излегува по сламката? Не затоа што таа му се допаѓа, ниту затоа што сака да ја јаде, ниту е љубопитен што е тоа туку едноставно тргнува во напад да го брани својот дом. Ете токму затоа ние ќе бидеме посебно внимателни и ќе внимаваме да не го повредуваме а потоа здрав и жив да го пуштиме во ливадата.

  

ЗОШТО ОДЛУЧИВМЕ ДА ИСТРАЖУВАМЕ НА ОВАА ТЕМА?

Токму поради еден интересен разговор на тема- Како изгледа Штурчо. Каде сме виделе штурец? Сите ученици знаеја да го опишат Штурчо од нашата стихотворба па дури и оној од приказната  Штурецот и мравките. Знаеја дека живее во ливада и сите имале слушнато како вистинскиот штурец свири на ливадата. Но од разговорот дознавме дека претставата за штурците сите ја имаат само благодарение на илустрациите од сликовниците , учебниците и цртаните филмови. Ниту едно од децата немало видено вистински штурец иако секојдневно ги слушаме како свират во наша близина.

ТЕК НА АКТИВНОСТА- Вовед во училницата

Еве што се друго си се прашувавме и си разговаравме пред да започнеме со истражување во природа но имавме различни мислења:

ШТО МИСЛИТЕ, ДАЛИ ШТУРЧО КОЈ ЖИВЕЕ НА ЛИВАДАТА НАВИСТИНА ИМА ВИОЛИНА КАКО ОНОЈ ОД ПРИКАЗНИТЕ И ТАКА СВИРИ НА НЕА А НИЕ ГО СЛУШАМЕ?..."Има...Некој има а некој нема...Не, нема, како можи да има, тој не е човек...Не знаеме...Не сме сигурни воопшто дали би можел да има виолина, можеби свири со уста или има нкоја поинаква виолина од нашите...." ДАЛИ ШТУРЕЦОТ ИМА КРИЛА? "Не, нема крила...Тој само скока, оној од цртаниот со Пинокио само скокаше.." КАКВА БОЈА Е ШТУРЕЦОТ? "Зелена...Темна или светла зелена.." КОЛКАВ Е ПО ГОЛЕМИНА И ДЕБЕЛИНА? "Мал колку два споени прста и толку е долг а многу е слаб.....Не е голем колку два прста, мора да е помал од скакулец а сигурно е многу слаб " ДАЛИ МОЖЕМЕ ДА НАЈДЕМЕ ШТУРЦИ ВО ПЕСОКТА ВО ДВОРОТ? НЕЛИ СЕКОЈДНЕВНО ГИ СЛУШАМЕ КАКО ДА СЕ ТУКА? "Тоа само така се слуша но тие се патаму во тревата....МОра да има и во песокта скриени...Да провериме и таму... " ВО ШТО ЖИВЕЕ ШТУРЧО? ИМА НЕКОЈА НЕКАКВА КУЌА НАПРАВЕНА ЗА СЕБЕ КАКО ПТИЦИТЕ ШТО СИ ПРАВАТ ГНЕЗДА..? "Живее само во тревата, нема куќа...Мора да има куќа во некое дрво, не може да живее без куќа само во трева..."

 

Потоа се договоривме да одиме во природа и сево ова да го провериме. Да дознамеме се што не знаеме но и ДА НАПРАВИМЕ СПОРЕДБА и да откриеме КАКО ИЗГЛЕДА ШТУРЕЦОТ ВО ЛИВАДАТА во споредва со ОНОЈ ОД ИЛУСТРАЦИИТЕ.

Се договоривме-ШТО ЌЕ НИ ТРЕБА ДА ПОНЕСЕМЕ ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ?

Ни требаат лупите, празни пластични шишиња и широк длабок прозирен сад. Фото апарат и камера.

НАПОМЕНА- Учениците треба да се подсетат дека треба да имаме хуман однос кон живиот свет и дека примерците не смееме да ги повредуваме туку мораме здрави да ги вратиме во природната околина. Учениците треба да бидат претходно упатени како безбедно да се однесуваат во природа и ништо непознто да не допираат со рака додека не добијат дозвола за тоа.

 

Проверивме и откривме дека сепак тие не живеат во песокта во дворот туку на блиската ливада и не си прават куќички во дрво туку си копаат дупчиња скриени во густа трева. Учениците беа многу заинтересирани и среќни но беа видно изненадени кога откривме дека не еден, не два, туку сите штурци нам ни изгледаат малку страшно и воопшто не наликуваат на оние од приказните. Како прво воопшто не се зелени по боја туку црни или темно кафеави. За големината не бевме многу изненадени, некои од учениците точно ја предвидоја и претходно но имаше и дечиња кои сметаа дека треба да се помали или поголеми, колку прст но тоа како да не го задржа многу нашето внимание колку фактот дека се дебели а сите сметаа дека треба да се многу слаби. Посебно им беше интересно да разгледуваат и да откриваат кои се "мајки", кои се "татковци" а кои се "деца" откако дознаа од мене дека женските штурчиња се потанки но подолги во телата од машките.

 

Со помош на лупа откривме дека не сме биле во право-Тие сите имаат крилца и ама баш ниту едно штурче нема виолина. Потоа им објаснив дека некаде сум чула дека свират со помош на крилцата кога ги тријат и дека најчесто свират машките штурци и на тој начин си ги довикуваат женските штурци и им покажуваат каде се. Се договоривме околу оваа интересна тема утре  да побараме помош од наставничката по Биологија, нашата соработничка од Велес, професор Павлина Карова,  која секогаш преку Скајп знае да ни објасни се што е поврзано со природа и животните. Потоа ги прашав КАКО ПОИНАКУ И ОД КАДЕ БИ МОЖЕЛЕ ДА ДОЗНАЕМЕ ИНТЕРЕСНИ ПОДАТОЦИ во случај ако утре снема струја или интернет па не можеме да се поврземе со наставничкта.  Дечињата одговорија дека тогаш може да ја прашаме по телефон. Но што ако имаме се но таа е на час и неможе да зборува со нас? "Тогаш можеме ние  на интернет да побараме но таму обично се било на англиски или за полесно може да најдеме некоја енциклопедија како оние што ги имаме за Земјата и за човечкото тело и во неа да прочитаме но задутре сепак да ја прашаме и неа да ни раскаже"

  

За цело време ги снимавме штурчињата со камерата и ги сликавме со апарат. Децата беа среќни во улога на сниматели затоа што сметаа дека со тие снимки подоцна ќе можеме да им покажеме и на другите што сме откриле во случај да не ни веруват. По малку време сите дечиња сакаа да се обидат да намамат некој штурец и ова се претвори во интересна игра а стравот потполно исчезна. Интересно е дека сите се потсетуваа меѓусебно дека треба да бидат нежни и внимателни и многу да пазат да не ги повредат штурчињата за да можат тие да се вратат дома.

   

По завршувањето на активноста одбравме едно безбедно место и ги оставивме штурчињата на слобода во тревата.

Тука се појави интересно прашање од страна на дечињата. КАКО СЕГА ТИЕ ЌЕ ГИ НАЈДАТ ПОВТОРНО СВОИТЕ ДОМОВИ НА ТОЛКУ ГОЛЕМА ЛИВАДА?  Еве што разговараа дечињата меѓусебно- Ќе ги најдат, тие ја познаваат ливада како ние што си го знаеме селото... Нема да ги бараат истите, веднаш ќе си ископаат нови , и онака тие дома немаат ни кревети ни телевизори ниту кујни. Но што ако се скараат чија е дупката? На некоја може повеќе да и се допадне друга дупка па да лаже дека живее таму и да се караат...Не, тоа не може да се случи, тие секогаш излегуваат од дупките и шетаат низ ливадата и си одат на гости, ако е тоа така тогаш и така можел некој да им ја украде куќата...Но што ако во своите дупки  собирале храна како мравките? Сега што ќе прават? Сега ќе треба да се мачат повторно да собираат храна, требаше да запомниме каде се дупчињата и сите да ги вратиме на место...Не, тие не собираат храна, не се мравки и сега е пролет има храна колку сакаш , не се собира во пролет туку во лето и есен...Добро е ова место, не поминуваат тука луѓе, нема никој да ги згази....

Ги слушав внимателно и на крајот кога децата изгубија интерес за овој разговор се вклучив да донесеме заеднички заклучок дека -Сепак, кога би требало да ја повториме оваа активност, подобро би било уште веднаш штом го разгледаме неко штурче,  веднаш тука да го вратиме до својата дупка за да не се грижиме потоа дали ќе знае да го најде својот дом.

По враќањето во училницата секој од учениците нацрта какао изгледа Штурчо од приказните а како Штурчо од нашата ливада.

"Веројатно, можеби во различни  краеви на Светот штурчињата имаат различна боја......Некаде зелена а ваму кај нас еве вака....како рибите..Некаде во сите бои а кај нас сиви....Ова баш не ми е јасно, чудно ми е...Сепак ќе прашам и дома, што мислат дедо и тато...Едвај чекам да им раскажам што правевме денес и да го научам татко како се бараат штурци за да види какви се. овие кај нас."

    

Учиме низ игра

http://ucimenizigra.ucoz.com/

Лиценца Криејтив комонс
АВТОРСКИ ПРАВА
Не смеете да го примените,
 или да го адаптирате ова дело
 за реупотреба во свои дела
(филмови, научни трудови,
публикации, медиуми...)
Секое пренесување или користење
 на содржините и идеите
без согласност на авторот
и без наведен линк до оваа страна,
подлежи на кривична одговорност
за повреда на авторски права.
Слободно може да се споделува
непроменето и да се користи како
прирачно средство
при реализација
на ваши интерни часови.
 Не смее да биде користено
 како помагало
 за време на обуки и семинари
без присуство на авторот

Ние знаеме
како се раѓаат
пеперутките



А знаеме и каде
живеат






Наставник
Весела Богдановиќ
veselabogdanovik2@gmail.com


Прво одделение
ОУ"Кочо Рацин"
с.Ивањевци