Ние децата чувари на природата - Каде и како се раѓаат пајачињата, комарците, пеперутките и жабите
                            Учење базирано на истражување          
Интегрирани научни и проектни активности со учење преку игра, истражување, пренамена и практична примена
Изработка, собирање и примена на наши, бесплатни дидактички средства за различна намена
 
                   Main | My profile | Log out | Login    http://ucimenizigra.ucoz.com/
МЕНИ  


ЛОГИРАЊЕ                  



Нашата река и околу неа- дом на пајачиња, комарци, пеперутки и жаби?

 

ЦЕЛИ-Запознавање со живиот свет во блиската околина.  Унапредување на интерес, желба и потреба за истражување. Унапредување на дивенгертно мислење, вештини за истражување, користење на лупа за воочување детали. Унапредување на еко свест и грижлив однос кон живиот свет.

НАУКА

Преку оваа активност ученикот истражува начини на кои различни живи суштества се раѓаат и живеат во локалната средина. Набљудува, опишува, собира докази. Поставува прашања и  учествува во разговор. Одлучува што да направи за да дојде до одговорот, креира идеи и дискутира за нив. Предлага идеи и следи упатства. Прави споредба на предвидување со резултати од она што се открило.   

Бидејки многу ни се допадна истражувањето на ливадата, ние денес посакавме да ја истражуваме блиската рекичка и да дознаеме кој живее во неа и околу неа. Најпрвин си разговаравме за да одговориме на прашањето-ШТО СЕ БИ МОЖЕЛЕ ДА НАЈДЕМЕ ТАМУ? Еве што претпоставивме-Ќе најдеме  жаби, трева, камења и кал а може и неколку пајки од соседите да пливаат во водата затоа што тие многу сакаат вода. Ги запрашав дечињата -А што е со риби? Ќе најдеме ли риби во реката? Нели во сите реки има риби? Дечињата ми одговорија дека не се сигурни дали ќе најдеме риби бидејки во последните години оваа река често пресушувала, порано имало многу вода, им кажувале родителите,  а сега и кога има вода рибите се плашеле да дојдат тука бидејќи знаеле дека може да ја снема.

Потоа ги прашав- А како рибите знаат каде е безбедно? Децата ми одговорија "Некогаш една риба била тука и видела дека нема вода и одвај се спасила и таа има кажала на другите" Повторно прашав- Како знаеме дека рибите зборуваат за да си кажуваат каде е опасно да се оди? Знаеме бидејќи ја мрдале устата и долго се гледале додека зборуваат. Рибите зборувале на РИБЕШКИ и дечињата ми покажуваа движења со усните но и звуци за кои претпоставуваат дека би можеле да личат на говор на риби. 

Потоа се запрашавме-ШТО НИ Е ПОТРЕБНО ДА ПОНЕСЕМЕ СО СЕБЕ ЗА ДА ИСТРАЖУВАМЕ ШТО НАВИСТИНА ИМА КАЈ РЕКАТА? Скоро сите дечиња најпрвин посочија дека ке ни требаат лупите за истражување, апаратот за фотографирање и камерата за снимање. Дечињата предложија да земеме садови за примероци, празно шише и пластични стари кутии од маргарин кои секогаш си ги собираме и ни служат за различи намени.

Како најважно, повторо се потсетивме дека- МОРАМЕ ДА БИДЕМЕ ВНИМАТЕЛНИ И ДА НЕ ГО ПОВРЕДУВАМЕ ЖИВИОТ СВЕТ  а примероците кои ќе успееме да ги најдеме подоцна ќе ги вратиме во својот дом. Мораме да бидеме внимателни и секогаш  да прашаме пред да допираме необични и непознати нешта. Се што нема да ни биде доволно јасно и за што нема да знаеме одговор ќе го запишеме за да прашаме некој што ќе знае.

 

Прво што забележавме кога стигнавме до реката беа ОТПАДОЦИ во водата и околу неа. Имаше конзерви од храна, шишиња, батерии па дури и делови од облека и чевли. Тоа нам вооошто не ни се допадна. Се запрашавме неколку важни прашања-

КОЈ Е ВИНОВЕН ЗА ОТПАДОТ? Одговорот беше лесен, виновни се луѓето, "некои лужѓе ".

ЗОШТО ГИ ФРЛААТ ОТПАДОЦИТЕ ТУКА А НЕ ВО КОНТЕЈНЕРИТЕ? КАКО ДА ГО ДОЗНАЕМЕ ТОА?

Еден ученик предложи да го напишеме тоа прашање на Facebook но иако на почетокот тоа им се виде како убава идеја на децата тие малку размислија и се согласија дека така можеби ќе им биде срам да кажат и никој нема да ни стави лајк или да напише нешто. Сепак попаметно ни е да одиме од куќа до куќа и да прашаме или да застаниеме кај продавницата па кога ќе купуваат нешто тогаш да ги прашуваме...Еден ученик предложи да стоиме скриени и да сликаме ако видиме некој како фрла ѓубре. Се договориме овој проблем  сега да го запишеме а потоа некој од наредните денови да се договориме да направиме активности заедно со луѓето од селото.

  

Прво што очекувавме да најдеме беа ЖАБИТЕ и малите жапчиња но нив ги немаше никаде. Дечињата кажаа дека можеби ги нема бидејки уште не се родиле, можеби уште е рано и ладно а постарите жаби знаеле дека  е ладно и се криеле некаде ама не знаеме каде, можеби во некои дупки кај реката што не се гледаат. Во лето секогаш се слушале жабите ама сега уште не е лето.

 

Она за што дечињата беа многу изненадени и што никогаш до сега не го приметиле кај реката беа ЛАРВИТЕ . Ги набљудувавме со голо око и со лупа и беше интересно што изгледаат како дрвца кои не се дрвца и имаат нозе или раце. Интересно беше што чудни створчиња со многу нозе зиркаа а потоа се криеја во оклопот. Овие ларви подоцна се претвораат во комарци и најчудно е тоа што комарците живат надвор од водата, во вода би се удавиле, а додека не излезат од "дрвцетo" живеат во вода цело време. Како е можно тоа? За да добиеме одговор на тоа прашање подоцна ќе ја прашаме наставничката по Биологија и таа ќе ни каже кои други инсекти би можеле да излезат од овие ларви бидејки имаше неколку различни видови, тоа го забалежавме. Дечињата претпоставуваа дека најверојатно вака се раѓале и пајаците од овие чудни оклопи но тоа ќе мора да прашаме некој што добро знае.

 

Најдовме и ПИЈАВИЦА. Децата не беа изненадени бидејки и друг пат имале видено пијавица и знаеја се за неа но посебно се изненадија кога видовме ГАСЕНИЦА и им кажав дека таа подоцна се пече на сонце, се пртвора во цврста кукла и кога доволно ќе порасне куклата пука и од неа излегува пеперутка или вилинско коњче. Еден од учениците предложи и ова да го запишеме бидејки сакале точно да видат како е тоа можно, ако може некој да ни покаже или да најдеме на You Tube за да се увериме во оваа чудна работа..

Потоа примероците ги однесовме во училишниот двор и таму убаво ги набљудувавме и опшишувавме .

Направивме споредба-Што гледаме со голо око а што можеме да зебележиме ако гледаме низ лупа.

Гасеницата и понатаму ни беше многу интересна бидејки никако не ни беше јасно како е можно од неа да се роди пеперутка. За време на набљудувањето сите бевме внимателни и многу внимававме да не ги повредуваме примероците кога ги допиравме со стапче или рака. 

Ларвите ни беа страшни бидејки зиркаа цело време и се движеа со помош на рачиња кои исто така ни изгледаа страшно поготово кога ги гледавме со лупа но многу ни беа интересни нивните оклопи. Повеќето од децата беа убедени дека сепак тоа мора да се дрвца, си одбрале мали дрвца и се скриле да растат во нив за некој да не ги изеде додека се мали. Се договориме да го запомниме ова прашање и да ја прашаме утре наставничката по биологија да ни раскаже се што знае.

 

Додека бевме кај реката во неа најдовме и неколку празни кукичи  од полжави. Дали е можно овие полажви да живат во вода? Не!-одговорија децата- Тие тука ги имаат донесено луѓето. Полжавот знае дека не треба да плива во вода бидејки куќата ќе му се наполни со вода и ќе се удави, тој живее во ливада и само пие вода ,но мали капки.. По завршувањето на активноста сите примероци ги вративме неоштетени во реката. Еве зошто требало да ги вратиме-

"Треба да ги вратиме, и тие имаат мајка, ќе ги бара, ќе биде тажна..Можеби оваа е мајка и таму во реката ја чекаат дечињата и сега плачат за неа...."

  

На крајот на нашето истражување уште еднаш се потсетивме што откривме денес. Ги споредивме нашите претпоставки и она што го откривме.

НАПРАВИВМЕ НОВ  ПЛАН ЗА СЛЕДНО ИСТРАЖУВАЊЕ-Ги повторивме уште еднаш сите прашања на кои би сакале повеќе одговори, слики па дури и видеа ако има некој да ни покаже.

НО ЗНАЕТЕ ШТО СЕ СЛУЧИ? Иако се договоривме дека најдобро ќе биде утре да ја прашаме за се наставничката по Биологија и поголемите другарчиња, ама баш сите дечиња уште веднаш го продолжиле ова истражување дома, заедно со своите родители, баби и дедовци. Некои од нив само со разговор а некои пребараувале по интернет и имале прилика да видат многу интересни фотографии и да прочитаат интересни податоци. Така и започна нашето следно утро....

МЕТОДИЧКА ПРЕПОРАКА

Најпрвин потребно е наставникот претходно добро да го испита теренот за истражување и да провери во кои насоки би можело да се движи истражувањето. Потоа, потребно е и самиот да собере основни стручни информации.

Поради потребата од стручни и прецизни  информации од областа на Биологијата и претпоставката и искуството дека нормално е да се случи децата да прашуваат прашања и многу повеќе од она што наставникот може да предвиди за оваа возраст, при реализација на оваа истражувачка активност најдобро е одделенскиот наставник да се стави себе си  во улога на партнер на учениците. И тој да биде љубопитен истражувач кој сака да открива нови нешта заедно со нив и ги цени и почитува нивните мислења при различни проблемски ситуации. КОга сака да подели сигурна информација со нив тоа го прави-Божем чул некаде за тоа, но сепак сака да слушне што мислат тие за таа информација? Кога децата ќе кажат мислење кое е блиску до вистината но не е сосема точно, наставникот ќе го охрабри размилсувањето и ќе каже дека многу е добро тоа да го провериме уште еднаш бидејки е многу интересно размислуање.  На овие начини ќе се поттике размислувањето кај децата и поврзување со претходните искуства а во моментите кога од нивна страна  ќе биде поставено некое неочекувано, стручно прашање до наставникот, тој ќе предложи таа информација да ја запишема а подоцна да ја прашаме наставничката по Биологија и тоа ќе биде сосема содветна насока која на ученицит ќе им покаже дека ова истражување не застанува тука и денес туку продолжува понатаму ако ние тоа го сакаме.

Учиме низ игра

http://ucimenizigra.ucoz.com/

Лиценца Криејтив комонс
АВТОРСКИ ПРАВА
Не смеете да го примените,
 или да го адаптирате ова дело
 за реупотреба во свои дела
(филмови, научни трудови,
публикации, медиуми...)
Секое пренесување или користење
 на содржините и идеите
без согласност на авторот
и без наведен линк до оваа страна,
подлежи на кривична одговорност
за повреда на авторски права.
Слободно може да се споделува
непроменето и да се користи како
прирачно средство
при реализација
на ваши интерни часови.
 Не смее да биде користено
 како помагало
 за време на обуки и семинари
без присуство на авторот

Ние знаеме
како се раѓаат
пеперутките



А знаеме и каде
живеат






Наставник
Весела Богдановиќ
veselabogdanovik2@gmail.com


Прво одделение
ОУ"Кочо Рацин"
с.Ивањевци